Услови и правила за Волт+ Претплатата - Северна Македонија

Овие услови и правила го уредуваат начинот на користење и купување на Волт+ Претплатата („Волт+“ или „Претплата“). Волт+ е автоматски обновлива претплата која бара периодични плаќања на надоместок за претплата сè додека не биде откажана. Волт+ Претплатата ви овозможува пристап до одредени придобивки („Волт+ Придобивки“) за соодветни нарачки направени преку Волт услугата кај соодветни Партнери со минимален износ на нарачка, како што е наведено во Волт услугата. Претплатата е условена на овие Услови и правила за Волт+ Претплатата („Услови за Волт+ Претплата“) и на нашите Услови за користење за Корисниците, кои се вклучени со референца. Условите за користење за Корисници ќе се применуваат на сè што не е конкретно опфатено со овие Услови за Волт+ Претплатата.

Партнер, Нарачка, Корисник, Клиент - правно лице, Волт и Волт услугата се дефинирани во Условите за користење за Корисници и го имаат истото значење како во Условите за користење за Корисници.

Доколку имате Волт на работа корисничка сметка и/или Волт+ Претплата што ви е доделена од страна на Клиент - правно лице („Деловна Волт+ Претплата“), овие услови и правила важат и за Клиентот - правно лице во однос на Деловната Волт+ Претплата.

1. ШТО Е ВОЛТ+?

  • Волт+ Придобивките се достапни за соодветни нарачки со минимална вредност направени преку Волт услугата за Партнери кои ги исполнуваат условите, како што е наведено во Волт услугата. При пријавување за Претплатата, ќе бидат прикажани соодветните Волт+ Придобивки.

  • Партнерите кои ги исполнуваат условите се означени со В+ логото во Волт услугата. Имајте предвид дека Партнерите кои ги исполнуваат условите може да се разликуваат во зависност од избраната адреса за достава. Се применуваат ограничувања на максималниот опсег на достава. Доколку не сте овозможиле следење на локацијата или не сте избрале адреса за достава, ќе бидат прикажани Партнерите кои ги исполнуваат условите според зоната за достава во избраниот центар на градот.

  • Минималната вредност на нарачката може повремено да се менува и може да се разликува меѓу Партнерите кои ги исполнуваат условите. Волт го задржува правото во било кое време да ја промени минималната вредност на нарачката за било кој Партнер.

  • Претплатата е понудена за месечен или годишен надоместок за претплата, кој може да се плаќа на почетокот на соодветниот период за претплата („Надоместок за Претплата“).

  • Претплатата автоматски ќе се обновува по секој месечен или годишен период освен доколку не ја откажете Претплатата согласно Дел 4 подолу. Претплатата можете да ја откажете во било кое време во вашиот кориснички профил во Волт услугата.

  • Претплатата и Волт+ Придобивките се ограничени на државата во која ја имате купено Претплатата („Држава на Претплата“). Доколку патувате надвор од Државата на Претплата, Волт+ Придобивките нема да важат за било кои нарачки направени додека сте надвор од Државата на Претплата.

  • Претплатата е наменета за лична употреба и само потрошувачи имаат право да купат Волт+, освен доколку не е поинаку наведено во овие Услови за Волт+ Претплатата.

1.1. Со купување или користење на Претплатата се согласувате со овие Услови за Волт+ Претплата и со посебните услови во однос на Претплатата наведени во Волт услугата. Исто така, се согласувате автоматски да се одземаат средства од вашиот начин на плаќање месечно или годишно, согласно избраниот период за Претплата. Бидејќи Претплатата и Волт+ Придобивките може да се менуваат, Ве молиме редовно да ги проверувате тековните детали во Волт услугата.

1.2. Партнерите кои ги исполнуваат условите се оние кои учествуваат во Волт+ програмата. Волт не може да гарантира достапност на одреден Партнер и го задржува правото во било кое време да ги промени условите за можноста да се добијат Волт+ Придобивките од одреден Партнер, со или без известување. Волт+ Придобивките се условени на географска достапност и може да важат други надоместоци за вашата Нарачка, како надоместок за услуга, даноци или други надоместоци.

1.3. Дополнителни детали за Претплатата се достапни при завршување на нарачката пред да ја купите Претплатата во Волт услугата и ќе вклучуваат важни услови, како што се местото и времето кога може да се користи Волт+ Претплатата, достапните Волт+ Придобивки, цената и интервалот на наплата на Волт+ Претплатата. Ве молиме пред купување внимателно погледнете ги деталите за Волт+ Претплатата за Волт услугата.

1.4. Преку опцијата Волт+ во вашиот кориснички профил во Волт услугата имате можност да ја прегледате и да управувате со вашата Претплата. Преку корисничкиот профил можете да ја видите Државата на Претплата, како и да ги уредувате поставките, вклучувајќи ги информациите за начинот на плаќање, датумот на истекување на Претплатата и датумот на следната наплата.

1.5. Доколку сакате да ја активирате Деловната Волт+ Претплата или да ја замените вашата тековна Волт+ Претплата со Деловна Волт+ Претплата обезбедена од Клиент - правно лице, мора да поседувате Волт на работа корисничка сметка и да го промените начинот на плаќање на Волт+ Претплатата преку Волт апликацијата, во согласност со релевантните инструкции дадени од страна на Волт и/или Клиентот - правно лице. Во случај да ја менувате вашата тековна Волт+ Претплата со Деловна Волт+ Претплата, промената ќе има дејство по истекот на тековниот претплатен период.

1.6. Со активирање на Деловната Волт+ Претплата, Клиентот - правно лице разбира и признава дека презема целосна одговорност за обврските кон вработените и усогласеност со даночни прописи, вклучувајќи ги даночните импликации за вработените кои ја користат функцијата Деловен Волт+. Волт не сноси одговорност за било какви даночни или други обврски што се однесуваат на Клиентот – правно лице и неговите вработени.

2. КУПУВАЊЕ НА ВОЛТ+ И ФРЕКВЕНТНОСТ НА НАПЛАТА

2.1. Купувањето на Волт+ можете да го извршите директно преку Волт услугата со притискање на опцијата Преземи Волт+ или со активирање на бесплатниот пробен период, доколку е достапен. Пред да го потврдите купувањето на Волт+, можете да ги прегледате деталите во однос на вашата Претплата и применливите Волт+ Придобивки, како и да го изберете основниот начин на плаќање за Надоместокот за Претплата.

2.2. Претплатата може да ја купите на месечно или на годишно ниво, при што ќе ви биде однапред наплатено врз основа на избраниот период на Претплата. При купување на Претплатата, Надоместокот за Претплатата ќе ви биде наплатен за првиот период за наплата на денот на купување, со кое се активира Волт+ за времетраење наведено во вашиот кориснички профил, освен доколку сте квалификувани за бесплатен пробен период, во кој случај првото плаќање ќе се изврши ден по истекот на тој период.

2.3. Наплатниот период се заснова на датумот на првото плаќање на Надоместокот за Претплата. Ќе биде автоматски наплатено преку основниот начин на плаќање кој е избран при купување на Претплатата согласно со периодот на наплата. Можете да го промените основниот начин на плаќање преку опцијата Волт+ во вашиот кориснички профил. Доколку не сакате Претплатата да се обновува автоматски, можете да ја откажете согласно Делот 4 подолу. Доколку поседувате Деловна Волт+ Претплата, наплатниот период ќе биде во согласност со условите за Клиентот - правно лице и вашата Деловна Волт+ Претплата може исто така да биде откажана од страна на Клиентот - правно лице.

2.4. Со цел да се избегне прекин на вашата Претплата, давате овластување Волт да го наплати надоместокот за претплата од било кој начин на плаќање што сте го зачувале во вашиот Волт профил, доколку основниот начин на плаќање не функционира. Сепак, Волт нема обврска да го искористи ова овластување. Ваша е одговорноста да ги ажурирате информациите за плаќање.

2.5. Доколку не можеме да го обработиме вашето плаќање за Надоместокот за Претплата, ќе ве известиме да изберете друг или да додадете нов начин на плаќање. Доколку плаќањето не успее за време на редовниот период за наплата, си задржуваме право автоматски да ја прекинеме вашата Претплата или да наплатиме ретроактивно Надоместок за Претплата за периодот што започнал со оригиналниот датум на наплата.

3. БЕСПЛАТНИ ПРОБНИ ПЕРИОДИ И ПАРТНЕРСТВО СО ТРЕТИ СТРАНИ

3.1. Ние и/или трети страни овластени од Волт („Овластени Партнери“) може да понудиме на одредени Корисници бесплатни или промотивни претплати на Волт+ Претплатата. Бесплатните пробни периоди и промотивните претплати се предмет на овие Услови за Волт+ Претплата, освен доколку не е поинаку наведено во вашата понуда. Волт има целосна дискреција во однос на ограничувањето на таквите понуди според критериуми како што се подобност или времетраење. Доколку ви е понуден бесплатен пробен период, за да започнете да го користите, потребно е претходно да наведете начин на плаќање на Претплатата. Може да има ограничувања во однос на комбинирањето на бесплатен пробен период со други понуди. Секој Корисник може да користи само еден бесплатен пробен период или една промотивна претплата.

3.2. По истекот на бесплатниот пробен период, Претплатата автоматски ќе се обнови и ќе ви биде наплатено преку начинот на плаќање што сте го избрале при започнувањето пробниот период. Со доставувањето на податоците за плаќање, се согласувате дека на крајот на бесплатниот или промотивниот период, вашата Претплата ќе се обнови автоматски и ќе ви биде наплатен Надоместокот за Претплата наведен во Понудата. Може да ја откажете Претплатата во секое време преку поставките во Волт услугата. Доколку Претплатата биде прекината од било која причина, нема да имате право на нов бесплатен пробен период за идна Претплата.

3.3. Промотивните претплати за Волт+ кои се понудени и обезбедени од Овластените Партнери може да бидат предмет на дополнителни услови и правила, кои ќе бидат објавени за време на понудата од страна на Овластениот Партнер или од страна на Волт, како што е применливо.

4. ОТКАЖУВАЊЕ НА ВАШАТА ВОЛТ+ ПРЕТПЛАТА

4.1. Може да ја откажете вашата Претплата во текот на денот кој претходи на денот на обновувањето на вашата Претплата, или како што е поинаку договорено со Клиентот - правно лице. Можете да ја откажете вашата претплата преку опцијата „уредување на членство“ (manage membership) во вашиот кориснички профил во Волт услугата, каде исто така можете да го проверите и датумот на следната наплата.

4.2. Доколку ја откажете вашата Претплата, сé уште ќе имате пристап до Волт+ Придобивки до крајот на веќе платениот период. Сите месечни и годишни плаќања на Надоместокот за Претплата се неповратни и непреносливи, и нема да бидат вратени во случај на откажување за време на тековен циклус на наплата.

4.3. Доколку сте учествувале во бесплатен пробен или промотивен период, имате право да ја откажете Претплатата во рок од 48 часа од почетокот на првиот платен период и да добиете целосен поврат на вашиот Надомест за Претплата (како што е применливо), преку контакт со корисничката поддршка на Волт.

4.4. За корисници со месечна или годишна претплата, доколку ја откажете вашата Претплата во првите 48 часа од првиот период на Претплата и немате направено нарачка која е подобна за Волт+ во тој период, Волт може, по сопствена дискреција, да ви го врати Волт+ надоместокот. За такво барање за откажување, контактирајте ја корисничката поддршка на Волт.

5. ПРАВО НА ПОВЛЕКУВАЊЕ

5.1. Имате право на повлекување од Претплатата со известување на Волт во рок од четиринаесет (14) дена од денот на купување. За да го искористите ова право, мора јасно и недвосмислено да нè известите за Вашата одлука на електронска пошта: support@wolt.com. Можете да го користите образецот за повлекување подолу, но тоа не е задолжително:

Модел на образец за повлекување

(ве молиме пополнете го и поднесете го овој формулар само ако имате намера да се повлечете од договорот за продажба на Волт+ Претплатата):

- До: ВОЛТ ТЕХНОЛОЏИС СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје, со регистрирано седиште на ул. Максим Горки бр. 13, Б.Ц. Настел згр. 1 вл. 1 4/4 Скопје - Центар, сое-маил адреса support@wolt.com.

______________________________________________________________

- Со ова јас/ние (*) известуваме за моето/наше повлекување (*) од договорот за продажба на Волт+ Претплатата

- Нарачано на ___________ (*) / примено на ___________ (*)

- Име на потрошувачот(ите) _____________________________________________

- Адреса на потрошувачот(ите) _____________________________________________

- Потпис(и) на потрошувачот(ите) (само во случај на писмено известување)

_____________________________________________

- Датум __________________

5.2 Ако се повлечете од Претплатата, ќе ви го вратиме Надоместокот за Претплата во рок од четиринаесет (14) дена од приемот на известувањето за повлекување, и Претплатата ќе биде веднаш прекината. Повратот ќе се изврши на истиот начин на плаќање што сте го користеле при купување на Претплатата, освен доколку поинаку не е изречно договорено.

5.3 Меѓутоа, доколку побарате Претплатата да започне пред истекот на рокот за повлекување, должни сте да платите разумен надоместок за услугите што ви се веќе испорачани до моментот на повлекување. Волт ќе ви го врати Надоместокот за Претплата пропорционално според користењето на Претплатата и Волт+ Придобивките до денот на повлекување.

5.4. Ве молиме имајте предвид доколку ги исполнувате условите за бесплатен пробен период, правото на повлекување е вклучено во времетраењето на тој период, доколку истиот е најмалку 14 дена и по првото плаќање на Надоместокот за Претплата, го губите правото на повлекување од Претплатата, освен доколку не е поинаку предвидено во овие Услови за Волт+ Претплата. За појаснување, овие одредби се применуваат само за првата набавка на Претплатата и не се однесуваат на било кои автоматски обновувања на Претплатата.

6. ПРОМЕНИ ВО ПРЕТПЛАТАТА

6.1. Волт го задржува правото во секое време, по сопствено дискреционо право, да изврши измена или да го запре понудувањето на Претплатата, како и да го измени Надоместокот за Претплата, применливите Волт+ Придобивки или овие Услови за Волт+ Претплата. Меѓутоа, нема да направиме измени кон Претплатата, Условите за Волт+ Претплатата или Волт+ Придобивките, кои би имале значително негативно влијание врз вас без претходно писмено известување најмалку 14 дена однапред. Во случај на зголемување на Надоместокот за Претплата, ќе ви биде испратено писмено известување 45 дена пред стапување во сила. Измените автоматски ќе се применуваат по истекот на наведениот рок. Доколку не се согласувате со измените, имате право да ја откажете вашата Претплата согласно со инструкциите наведени во Делот 4 погоре.

6.2. Волт има право да ја прекине Претплатата на Корисникот со непосреден ефект ако: (i) Корисникот ја злоупотребува Волт услугата или Претплатата, или предизвикува штета или пречка на користењето на Волт услугата или на Партнерите, Волт или вработените во Волт; (ii) Волт има основан сомнеж дека Корисникот извршил измама при користењето на Претплатата; или (iii) Корисникот не ги исполнува обврските кои произлегуваат од овие Услови за Волт+ Претплатата, Условите за користење за Корисниците или важечките законски прописи. Волт го задржува правото да ги задржи веќе уплатените Надоместоци за Претплата во случај на прекин на Претплатата поради причините наведени во овој дел.

7. ОБРАБОТКА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

7.1. Изјавата за приватност на Волтја опишува нашата обработка на лични податоци во врска со Претплатата.

7.2. Ние нема да прибираме или обработуваме дополнителни лични податоци во врска со Претплатата, освен оние податоци кои се поврзани со вашиот план за Претплата, вклучувајќи: цената, начинот на плаќање, времетраењето на валидноста, вклучените придобивки, како и дали се применуваат минимален износ за нарачка или Опсег на достава.

7.3. Волт ги обработува наведените лични податоци со цел да ви ја обезбеди Претплатата согласно со договорот меѓу вас и Волт. Податоците се користат за да ви овозможиме користење на Волт+ Придобивките од вашата Преплата и да го прикажеме статусот и се справиме со наплатата на Претплатата. Доколку се обратите до нашата корисничка поддршка, ќе ги користиме информациите дадени од вас за да ви одговориме или да ја решиме вашата поплака.

7.4. Волт ги обработува личните податоци со цел исполнување на нашите договорни обврски кон вас, како и за усогласување со законските обврски.

8. НЕДОСТАТОЦИ И ПОПЛАКИ

8.1. Ве молиме контактирајте не на support@wolt.com без одложување доколку забележите неовластени наплати на вашиот начин на плаќање на Претплатата или доколку имате поплака во однос на Претплатата.

8.2. Претплатата и/или некои нејзини функционалности може повремено да бидат недостапни, неточни или прекинати поради различни причини, и Волт не сноси одговорност за таква недостапност. За појаснување, одредени функционалности или Волт+ Придобивки што се достапни на одредени Корисници во даден момент, може да не бидат достапни за сите Корисници во секое време, и може да бидат достапни само преку најновата верзија на Волт апликацијата.

8.3. Волт+ и сите информации достапни преку неа се обезбедуваат исклучиво за информативни цели на основа на „како што се“ и „како што се достапни“. Не даваме било какви гаранции, изрични или што се подразбираат, вклучувајќи но не ограничувајќи се на гаранции за точноста или комплетноста на Претплатата или нејзината достапност.

8.4. До степен дозволен со важечкото законодавство, се откажуваме од сите гаранции, било да се изрично кажани или да се подразбираат, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, гаранции кои што се подразбираат за трговска способност и соодветност за одредена намена на Претплатата.