Услови за користење за Корисници – Северна Македонија
Со користење на Wolt услугата, се согласувате да бидете обврзани со овие Услови за користење за Корисниците (,,Услови за користење”).
Ве молиме внимателно прочитајте ги следните Услови за користење пред да ја користите Wolt услугата. Доколку не се согласувате со Условите за користење, не можете да ја користите Wolt услугата. Овие Услови за користење се применуваат на секое користење на Wolt услугата, како и на Договорите за купопродажба како што е наведено подолу. Одредени услуги или функции достапни преку Wolt услугата може да подлежат на дополнителни услови и правила. Подетален опис на Wolt услугата и информации за системските барања се достапни на wolt.com.
Доколку имате Wolt на работа корисничка сметка, овие Услови за користење се применуваат и на нашиот Клиент – деловен партнер кој ви ја овозможил Функцијата Wolt на работа (Wolt for Work Feature) („Клиент - деловен партнер“), во однос на Нарачките што ги правите преку Функцијата Wolt на работа. Доколку постои несогласување помеѓу овие Услови за користење и Wolt деловните услови и правила што се применуваат на Клиентот – деловниот партнер, ќе преовладаат Wolt деловните услови и правила.
Условите за користење се склучуваат единствено помеѓу нас и Корисникот, а не со Apple Inc., и Apple Inc. не е одговорен за Апликацијата на Wolt или за нејзината содржина. Се согласувате дека Apple Inc. и нејзините подружници („Apple“) се корисници-трети лица во однос на овие Услови за користење и дека, со вашето прифаќање на Условите за користење, Apple ќе има право (и ќе се смета дека го прифатил тоа право) да ги спроведува овие Услови за користење спрема вас како корисник-трето лице.
1. Дефиниција на поими
,,Курирски партнер” значи секое физичко лице ангажирано од или преку Партнер за флота, без разлика дали како вработен, независен договорен соработник или дозволена замена, за да врши испораки на Производите на Трговецот продадени преку Wolt услугата.
„Партнер“ значи ресторан, продавница или друг партнер што дава услуги кој склучил договор за партнерство со Wolt, или нивна замена, и кој, како трговец, ги нуди своите производи и услуги за достава или други услуги за продажба преку Wolt услугата и претставува Продавач (Seller of Record). Освен ако во Wolt услугата не е наведено поинаку, сите Партнери се трговци во смисла на законите за заштита на потрошувачите во вашата земја.
„Договор за купопродажба” значи договор за купување на производите на Партнерот и, доколку е применливо, услуги за достава или други услуги, направен преку Нарачка. Во однос на Нарачките направени преку Функцијата Волт на работа, Договорот за купопродажба претставува обврзувачки договор помеѓу Партнерот и Клиентот – деловен партнер. Во однос на Нарачките направени преку било кој друг начин на плаќање на Корисникот, Договорот за купопродажба претставува обврзувачки договор помеѓу Партнерот и Корисникот.
„Продавач“ (Seller of Record) значи страната која ги продава соодветните производи или услуги на Корисниците во свое име и за своја сметка и која е одговорна за обврските кон потрошувачот поврзани со таа продажба, вклучително, но не ограничувајќи се на, издавање или ставање на располагање на потребната фактура, сметка, фискална сметка или сличен документ што се бара согласно важечкото законодавство.
„Корисник“ или „вие“ значи физичко лице кое ја користи Wolt услугата. Корисникот мора да биде на возраст од 18 или повеќе години.
,,Wolt” или ,,ВОЛТ ТЕХНОЛОЏИС СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ СКОПЈЕ” значи:
Друштво за трговија и услуги ВОЛТ ТЕХНОЛОЏИС СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ СКОПЈЕ, со регистрирано седиште на Кеј 13-ти Ноември бр. 28, Гранд Ривер Зграда, 1000 Скопје, кат 1, со ЕМБС 7807325.
,,Апликацијата на Wolt” значи дигитална апликација наречена Wolt, обезбедена од Wolt за физички и правни лица да нарачуваат производи од Партнерите на Wolt .
,,Wolt на работа корисничка сметка” значи корисничка сметка во Апликацијата на Wolt на која е додадена Функцијата Wolt на работа.
,,Функцијата Wolt на работа” значи начин на плаќање и функција во Апликацијата на Wolt преку која овластените Корисници на Клиентот – деловен партнер можат да вршат нарачки по цена на Клиентот – деловен партнер.
“Wolt услуга” значи Апликацијата на Wolt и Wolt веб-страната wolt.com и други дополнителни локации како што е наведено на wolt.com.
2. Идентификација на Wolt
ВОЛТ ТЕХНОЛОЏИС СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ СКОПЈЕ, со регистрирано седиште на Кеј 13-ти Ноември бр. 28, Гранд Ривер Зграда, 1000 Скопје, кат 1, со ЕМБС 7807325.
Wolt Oy, со регистрирано седиште на Похјоинен Раутатиекату 21, 00100 Хелсинки, Финска, со регистарски број 2646674-9, и со ДДВ број FI26466749.
Трговски назив: “Wolt”
Адреса на е-пошта: support@wolt.com
Како застапник за Партнерот, Wolt ќе ви помогне во врска со евентуални рефундации, поплаки и други барања поврзани со вашите трансакции преку Wolt услугата. Можете директно да го контактирате Wolt преку горенаведените контакт-податоци во случај на било каков спор или барање поврзано со Wolt услугата.
Информациите за идентитетот на Партнерите, како и за нивните производи и услуги, се достапни преку Wolt услугата.
3. Опис на Wolt услугата
3.1. Wolt обезбедува технолошка платформа која ги поврзува Корисниците, Партнерите и Курирските партнери. Технологијата на Wolt им овозможува на Корисниците да нарачуваат храна и/или други производи од различни Партнери, а Корисниците можат да нарачуваат и услуги за достава. Wolt не е ресторан, давател на услуги за достава или компанија за подготовка на храна. Секоја координација на доставата од страна на Wolt претставува дополнителен и интегриран дел од Wolt услугата, која се врши во врска со и е подредена на основната електронска трговска трансакција помеѓу Партнерот и Корисникот. Доставата ја вршат трети лица, односно Курирски партнери.
3.2. Партнерот ги обезбедува информациите за своите производи и евентуалните услуги преку Wolt услугата, вклучително, но не ограничувајќи се на информации за карактеристиките на производите, алергените и упатствата за употреба. Доколку имате алергии или други ограничувања во исхраната, или од друга причина сакате да добиете подетални информации за производите, Ве молиме контактирајте го соодветниот Партнер. Можете да контактирате и со корисничката поддршка на Wolt, која може да го контактира Партнерот во ваше име за вакви прашања. Сепак, Партнерот е одговорен за обезбедување точни, ажурирани и законски задолжителни информации за производите, вклучително и информации за важечките цени, цената по единица мерка и применливите даноци. Важечкиот надоместок за достава и сите други дополнителни трошоци ќе му бидат јасно прикажани на Корисникот во согласност со важечкото законодавство. Производите што се продаваат преку Wolt услугата може да бидат прикажани со слики обезбедени од Партнерот. Освен ако не е наведено поинаку, сликите служат за полесно идентификување и избирање на производите, а вистинскиот изглед или пакување на производот може да се разликува, на пример, поради ажурирано пакување и природни варијации, особено кај подготвената храна. Имајте предвид дека продажбата и купувањето на производите и евентуалните услуги на Партнерот може, во зависност од конкретниот случај, да подлежат на дополнителни услови и правила на Партнерот или Wolt, како што е наведено во Wolt услугата. Овие услови ќе му бидат достапни на Корисникот преку Wolt услугата пред комплетирање на соодветната купопродажба.
3.3. Кога Корисникот ги избира производите и услугите на Партнерот што сака да ги купи од Партнерот, Корисникот прави обврзувачка нарачка за купување на производите и услугите од Партнерот, според условите и правилата што му се прикажани на Корисникот овде и во Wolt услугата пред поднесувањето на нарачката („Нарачка“). Откако ќе ја прими Нарачката, Wolt ги проследува деталите за Нарачката до Партнерот. Кога Партнерот ќе ја прифати Нарачката и Wolt ќе му обезбеди на Корисникот потврда за нарачката во име на Партнерот, Корисникот (или, доколку е применливо, Клиентот – деловен партнер) и Партнерот склучуваат Договор за купопродажба за купување на производите на Партнерот. Wolt паралелно обезбедува платформски услуги и го олеснува испорачувањето на вашата нарачка преку Курирски партнер, а вашиот договор за овие услуги е со Wolt. Партнерот ќе му ја издаде и достави на Корисникот потребната фактура, сметка, фискална сметка или сличен документ што се бара согласно важечкото законодавство, за производите на Партнерот и, доколку е применливо, за услугите за достава. Исполнувањето на Нарачката зависи од достапноста, а Wolt и Партнерот го задржуваат правото, по сопствена проценка, да не прифатат или да откажат Нарачка.
3.4. Доколку Корисникот купи услуга за достава на нарачаните производи, платформата го известува Курирскиот партнер дека е достапна можност за достава, а технологијата овозможува полесно да се комплетира доставата до Корисникот.
3.5 Партнерот може да му наплати на Корисникот надомест за достава во врска со доставата на нарачаните производи или услуги. Wolt може да му наплати на Корисникот надоместоци за услугите што ги обезбедува Wolt, кога е применливо. Надоместокот за услугата и сите други надоместоци или дополнителни трошоци (доколку се применливи), ќе бидат наведени на соодветен начин во Wolt услугата и ќе му бидат презентирани на Корисникот во согласност со важечкото законодавство. Надоместокот за услугата кој го наплаќа Wolt се пресметува врз основа на вкупниот износ на производот во вашата Нарачка (односно вкупната цена на производите во Нарачката, не вклучувајќи го надоместокот за достава и сите други надоместоци) пред примената на какви било попусти и промоции. Тој претставува процентуален износ од вкупниот износ на производите, со определен минимален и максимален износ, и може да се разликува во зависност од Партнерот. Точниот процент, како и минималниот и максималниот износ што се применуваат, се прикажани на страницата на секој Партнер во Wolt услугата. Точниот износ на надоместокот за услугата ќе ви биде прикажан пред да ја направите Нарачката.
3.6. Партнерот избран од Корисникот ќе ги подготви и/или преземе и спакува производите наведени во Нарачката. Wolt нема одговорност спрема Корисникот за правилното исполнување на Договорот за купопродажба од страна на Партнерот.
3.7. При користење на Wolt услугата, може да биде одредена минимална вредност на нарачката што мора да биде исполнета. Во таков случај, ќе бидете известени пред да ја направите Нарачката. Доколку Нарачката не ја достигнува потребната минимална вредност, може да се наплати дополнителен надомест, за кој ќе бидете известени пред да ја направите Нарачката, или можете да додадете производи во Нарачката за да ја достигнете минималната вредност. Партнерот по сопствена проценка го определува изборот и цените на производите што се достапни преку Wolt услугата. Партнерот може да воведе и одредени ограничувања за вашата Нарачка, како што се ограничувања на количината и големината на Нарачката. Партнерот е одговорен да ве информира за какви било ограничувања поврзани со достапноста на производите. Корисникот се согласува дека, доколку одреден производ привремено не е достапен, Партнерот ќе го исполни преостанатиот дел од Нарачката без производот што недостасува. Нема да ви биде наплатено за производите што не се достапни во моментот кога ја правите Нарачката.
3.8. Понекогаш производот што сте го нарачале може привремено да го нема на залиха. Доколку Партнерот овозможил замена на производи, ќе ја видите опцијата за замена во Wolt услугата пред да ја потврдите Нарачката. Доколку е достапна, можете или да му дозволите на Партнерот да го замени производот што недостасува со друг соодветен производ или да изберете враќање на парите за тој производ. Кога е овозможена оваа функција, замената е избрана како стандардна опција, но можете да ја промените за одделни производи пред да ја потврдите Нарачката. Доколку дозволите замена, Партнерот може да го замени производот што недостасува со друг соодветен производ. Партнерот ќе ги следи следните општи принципи при изборот на замена: (i) заменскиот производ треба да биде колку што е разумно возможно сличен по вид, главни карактеристики, квалитет и намена; (ii) главните состојки, активните состојки или основните карактеристики не треба значително да се разликуваат, но избраниот вкус може да биде различен; (iii) треба да се почитуваат алергените и специфичните прехранбени или функционални карактеристики, како што се: без лактоза, без глутен, органско, хипоалергенско, водоотпорно, процент на алкохол и барања за компатибилност; (iv) брендот може да биде различен, освен ако природата на производот не бара поголема еквивалентност; (v) доколку нема друг соодветен производ за замена, Партнерот може да ве контактира. Доколку е обезбеден заменски производ, никогаш нема да платите повеќе од цената на оригиналниот производ. Ако заменскиот производ чини помалку, ќе ви биде наплатена пониската цена. Ако заменскиот производ чини повеќе, ќе ви биде наплатена само цената на оригиналниот производ. Доколку замените не се овозможени како функција во Wolt услугата за конкретниот Партнер, доколку сте избрале враќање на парите наместо замена или доколку нема друг соодветен производ за замена, ќе ви бидат вратени парите за производот што недостасува.
3.9. Откако вашата Нарачка ќе биде доставена, ќе имате можност да ја оцените во Wolt услугата. Нашиот процес обезбедува оценките да потекнуваат само од Корисници кои навистина направиле купување од соодветниот Партнер. Корисниците можат да ја оценат својата Нарачка откако таа ќе биде комплетирана и доставена. Оценките се прикажуваат во Wolt услугата на страницата на објектот на Партнерот и го претставуваат просекот на оценките добиени во претходните 6 месеци. При пресметувањето на просечната оценка на Партнерот се зема предвид само вкупната оценка за храната или другите производи. Можете да ги оцените сите или само некои од поединечните производи вклучени во вашата Нарачка. Оценките за поединечни производи не влијаат врз оценката на Партнерот, туку се користат за подобрување на препораките што ги гледате во Wolt услугата. За да останат оценките релевантни, оценката на објектот редовно се ажурира. Прикажаните оценки не се под влијание на спонзорирани рецензии или договорни односи со Партнерите.
3.10. За отстранување на сомнеж, услугите, функциите или функционалностите што се достапни за одреден Корисник во одреден момент, не мора да бидат достапни за сите Корисници во исто време или во сите периоди. Одредени услуги, функции или функционалности може да бидат достапни само во најновата верзија на Апликацијата на Wolt.
3.11. Wolt услугата користи системи за препораки за да ви препорачува релевантни Партнери и производи. Повеќе информации можете да прочитате овде. Wolt го задржува правото да ги измени овие информации, бидејќи периодично може да ги менува своите алгоритми, практики и параметри.
4. Право на повлекување и враќање на производи
4.1. Не можете да се повлечете од Нарачката или да ја откажете Нарачката за производи или услуги откако ќе ја направите, освен ако во овие Услови за користење изречно не е предвидено поинаку. Пред да направите Нарачка за производ или услуга, треба внимателно да го проверите вашиот избор.
4.2. Доколку сте потрошувач, имате право на повлекување во согласност со законските одредби на земјата во која се наоѓате. Во смисла на овие Услови за користење, „Потрошувач“ значи секое физичко лице кое ја користи Wolt услугата и прави Нарачки за цел која претежно не е поврзана со неговата трговска или професионална дејност која ја врши самостојно.
4.3. Wolt ги применува ограничувањата на законското право на потрошувачите на откажување, утврдени со важечките закони, според кои правото на повлекување е исклучено за Договори за купопродажба што се однесуваат на одредени производи, вклучително, но не ограничувајќи се на:
лесно расипливи стоки или на стоки со краток рок на траење;
медицински производи;
стоки изработени по ваша спецификација или на стоки што се очигледно прилагодени на вас;
оригинално затворени стоки што не се погодни за враќање поради хигиенски причини или заштитата на здравјето, а се отворени по испораката;
стоки што според нивната природа по испораката нераздвојно се мешаат со други артикли;
затворени аудио и видео снимки, како и на компјутерски програми што се отворени по испораката;
весници, периодични изданија или ревии, со исклучок на договорите со претплата за набавка на ваквите изданија;
алкохолни пијалоци чијашто цена е договорена во моментот на склучување на договорот за продажба, а чија што испорака може да се изврши дури по триесет (30) дена и чијашто вистинска вредност зависи од колебањата на пазарот врз кои што Партнерот нема влијание;
договори за услуги кога услугата е целосно извршена, но доколку од договорот за потрошувачот произлегува обврска за плаќање само доколку извршувањето започнало со претходна изречна согласност на потрошувачот и со негово изречно прифаќање дека го губи правото на повлекување од договорот, откако договорот е целосно извршен од страна на Партнерот.
4.4. Имате право да се повлечете од Договорот за купопродажба на производи за кои постои право на повлекување, во рок од 14 дена од денот на доставата на производите од Нарачката, без да наведете причина за откажувањето. За да го остварите правото на повлекување, мора да го известите Wolt за вашата одлука да го повлечете Договорот за купопродажба, со јасна изјава (на пример, преку е-пошта или порака испратена преку разговорот со корисничката поддршка во Апликацијата на Wolt), во наведениот рок од 14 дена. Партнерот, како трговец на производите од вашата Нарачка, го овластува Wolt да го прими известувањето за повлекување во име на Партнерот. Доколку Партнерот одлучил да понуди подолг рок за повлекување од 14 дена, ќе се применува тој рок за Нарачките направени преку Wolt услугата, доколку тоа е изречно наведено во описните информации за Партнерот во Wolt услугата. Доколку сакате, можете да го користите образецот за повлекување подолу за да го поднесете известувањето за повлекување, со пополнување на информациите во образецот и нивно испраќање до Wolt. Wolt потоа ќе ги проследи информациите до соодветниот Партнер:
Образец за повлекување
До: [внесете го името на Партнерот, адресата на Партнерот, телефонскиот број, бројот на факс или е-поштата на Партнерот]:
Со ова јас/ние (*) го известувам/известуваме за моето/нашето повлекување од (*) договорот склучен со мене/нас (*) за купување на следните стоки (*) / за обезбедување на следните услуги (*):
Нарачано на ден (*) / примено на ден (*):
Име на потрошувачот/ите:
Адреса на потрошувачот/ите:
Потпис на потрошувачот/ите (само доколку овој образец се поднесува во хартиена форма):
Датум: _______________________
4.5. Доколку се повлечете од Договорот за купопродажба, Wolt ќе ја обработи рефундацијата до вас во име на Партнерот за сите плаќања што сте ги извршиле, вклучително и надоместокот за достава, надоместокот за услугата и евентуалните дополнителни трошоци (доколку се применливи), најдоцна во рок од 14 дена од денот кога сме го примиле известувањето за вашето повлекување од Договорот за купопродажба или од негов дел. Меѓутоа, доколку сте избрале опција за достава која е поскапа од стандардниот начин на достава, ќе ви биде надоместен само трошокот за стандардната достава што била достапна во моментот кога сте ја направиле Нарачката. Имајте предвид дека надоместокот за достава, надоместокот за услугата и евентуалните дополнителни трошоци (доколку се применливи) нема да бидат вратени во случај на делумно повлекување од Нарачката.
4.6. За извршување на рефундацијата, ќе го користиме истиот начин на плаќање што сте го користеле при првичното плаќање на Нарачката, освен ако изречно не се договориме со вас поинаку. Имајте предвид дека доколку сте ја платиле Нарачката со Wolt кредити, рефундацијата ќе ви биде извршена во форма на Wolt кредити. Wolt може да одбие да изврши рефундација сè додека Партнерот не ги прими назад производите или додека не доставите доказ дека сте ги вратиле производите, зависно од тоа што ќе се случи порано.
4.7. Мора да ги вратите или испратите производите до истиот Партнер и на истата локација од која сте ја направиле Нарачката. Контакт-податоците на продажното место на Партнерот се достапни преку Wolt услугата. Производите мора да му ги вратите на Партнерот што е можно поскоро, а во секој случај не подоцна од 14 дена од денот кога сте нè известиле за повлекување од Договорот за купопродажба. По барање на Wolt, мора да му доставите на Wolt и потребен доказ дека производите му биле вратени на Партнерот. Овој рок се смета за запазен доколку ги испратите производите пред истекот на рокот од 14 дена.
4.8. Вие ќе ги сносите директните трошоци за враќање на производите, освен ако Партнерот или Wolt изречно не навел дека е овозможено бесплатно враќање преку Функцијата за враќање, доколку таа е достапна. Вратените производи мора да бидат неупотребени и способни за препродажба. Етикетите со цена не смеат да бидат отстранети. Вие ќе бидете одговорни за секое намалување на вредноста на производите доколку тоа намалување е предизвикано од ракување со производите кое не било неопходно за проверка на нивната состојба, својства и функционалност.
4.9. Во некои земји, Wolt може да овозможи функција во рамките на Wolt услугата за враќање на производи („Функција за враќање“). Достапноста и применливите услови на Функцијата за враќање, вклучително и евентуалните трошоци за преземање или други надоместоци, ќе ви бидат прикажани во Wolt услугата во текот на постапката за користење на Функцијата за враќање. Функцијата за враќање се обезбедува во зависност од достапноста и не ги ограничува правата што ги имате согласно важечкото законодавство. Доколку Функцијата за враќање не е достапна, можете да го остварите правото на откажување на друг начин, во согласност со овие Услови за користење и Политиката на Партнерот за враќање на производи. Функцијата за враќање може да се искористи еднаш по Нарачка, освен ако не е наведено поинаку, и е достапна од адреси што се наоѓаат во подрачјето за достава на Партнерот, како што е наведено во Wolt услугата. Мора лично да ги предадете вратените производи на Курирскиот партнер и да бидете достапни на телефонскиот број што сте го навеле во Wolt услугата. Wolt може да ви наплати разумен надомест за неуспешно преземање на производите поради ваша недостапност, доколку тоа е наведено во текот на постапката за користење на Функцијата за враќање. Вратените производи мора да бидат во оригиналното пакување или на друг начин безбедно спакувани во торба или кутија. Замена на производи не е достапна преку Функцијата за враќање, освен ако изречно не е наведено поинаку. Одобрувањето на враќањето и поврзаната рефундација зависат од одобрување од страна на Партнерот. Известувањето за одобрување или одбивање на барањето за рефундација ќе ви биде доставено преку постапката за користење на Функцијата за враќање, преку разговорот со корисничката поддршка на Wolt и/или преку е-пошта. Доколку враќањето биде одбиено, можете да ги подигнете производот/производите од продавницата на Партнерот во рок од 14 дена.
5. Кориснички сметки
5.1. Имате ограничено, неексклузивно, непреносливо право кое не подлежи на подлиценцирање да ја користите Wolt услугата во формата во која ние ја нудиме периодично, исклучиво за целите утврдени во овие Услови за користење. Лиценцата што му се доделува на Корисникот за iOS Wolt Апликацијата преземена од Apple App Store дополнително е ограничена на лиценца за користење на Апликацијата на Wolt на производи на Apple што Корисникот ги поседува или ги контролира, и во согласност со Правилата за користење утврдени во Условите за користење на App Store и овие Услови за користење.
5.2. За да ја користи Wolt услугата, Корисникот мора да креира корисничка сметка следејќи ги упатствата за регистрација во Wolt услугата. За време на процесот на регистрација, мора да обезбедите точни, тековни и целосни информации и да ги ажурирате информациите за тие да останат точни, тековни и целосни. Податоците за пристап до Wolt услугата се лични (освен ако поинаку не е договорено помеѓу Wolt и Клиентот – деловен партнер), а Корисникот може да има само една лична сметка. Корисникот е должен да обезбеди сите податоци за пристап до корисничката сметка, како и еквивалентните информации потребни за пристап до корисничката сметка на Корисникот или на Клиентот – деловен партнер, да се чуваат доверливо и да се користат на безбеден начин, недостапен за трети лица.
5.3. Вие сте целосно одговорни за секое користење и сите активности што се одвиваат преку вашата корисничка сметка и се согласувате да ја следите вашата сметка со цел да спречите неовластено користење од страна на малолетни лица. Вие преземате целосна одговорност за секое неовластено користење на вашата сметка. Доколку се сомневате дека неовластено лице ги дознало вашите податоци за пристап или добило пристап до вашата сметка, должни сте веднаш да го известите Wolt.
5.4. За да направите нарачка преку Wolt услугата, мора да внесете валидна кредитна картичка или други информации за начин на плаќање во Wolt услугата. Wolt не ги чува информациите за вашиот инструмент за плаќање, бидејќи тоа го прави трето лице - давател на услуги за плаќање што го користи Wolt. Се согласувате да ги платите сите купувања направени преку користењето на Wolt услугата, освен купувањата направени преку Функцијата Wolt на работа, чиј трошок го сноси Клиентот – деловен партнер. Мора да ги одржувате ажурирани информациите за кредитната картичка и другите информации за плаќање што сте ги внеле во вашата корисничка сметка.
6. Плаќања
6.1. Корисникот или Клиентот – деловен партнер во случај на Wolt на работа корисничка сметка, ќе ја плати куповната цена наведена во Нарачката со користење на соодветниот начин за плаќање на Wolt услугата. Wolt или компанијата од Wolt групацијата овластена од Wolt, ги наплаќа сите плаќања од Корисниците или Клиенти – деловни партнери во име и за сметка на Партнерот. Доколку Нарачката е направена преку Функцијата Wolt на работа, Корисникот го потврдува плаќањето во име на Клиентот – деловен партнер преку Функцијата Wolt на работа. Обврската на Корисникот или Клиентот – деловен партнер за плаќање настанува во моментот на поднесување на Нарачката преку Wolt услугата.
6.2. Корисникот може да ја исполни оваа обврска за плаќање со користење на соодветниот начин за онлајн плаќање што е достапен во Wolt услугата. Кога Корисникот или Клиентот – деловен партнер во случај на Wolt на работа корисничка сметка, ќе ја плати куповната цена на Wolt, Корисникот или Клиентот – деловен партнер се смета дека ја исполниле својата обврска за плаќање кон Партнерот.
6.3. Плаќањето автоматски ќе биде наплатено од кредитната картичка на Корисникот или преку Функцијата Wolt на работа на Клиентот – деловен партнер по доставувањето на Нарачката. Wolt има право, во име и за сметка на Партнерот, да изврши резервација на средства на кредитната картичка на Корисникот или преку функцијата Wolt на работа на Клиентот – деловен партнер веднаш откако Нарачката ќе биде направена преку Wolt услугата. Wolt користи трета страна како давател на платежни услуги за обработка на плаќањата.
6.4. Во одредени ситуации и кај одредени начини на плаќање, куповната цена може малку да варира поради технички размени на девизниот курс помеѓу различни валути во текот на процесот на плаќање. Wolt не презема одговорност за овие разлики при конверзија на валути и не може да го предвиди точниот износ што ќе биде наплатен кога се користат платежни инструменти кај кои се применува конверзија по девизен курс.
6.5. Плаќањето со готовина може да биде достапно како дополнителен начин на плаќање во одредени земји. Максималната прифатлива вредност на нарачка платена во готово е наведена во Wolt услугата, доколку е применливо. Рефундација на средства за нарачки платени во готово ќе се вршат во форма на Wolt кредити или преку друг соодветен или законски задолжителен начин. Доколку Корисникот кој направил нарачка со плаќање во готово не се наоѓа на договореното место за испорака во моментот на испораката, корисничката поддршка на Wolt ќе го контактира Корисникот и ќе се договори за соодветен начин на постапување во однос на плаќањето. Доколку корисничката поддршка не успее да стапи во контакт со Корисникот во рок од 24 часа од неговото непојавување на договореното место, Wolt ќе преземе соодветни мерки, кои може да вклучуваат оневозможување на опцијата за плаќање во готово за Корисникот или оневозможување на корисничката сметка на Корисникот.
6.6. Кога во вашата Нарачка ќе додадете производи што се продаваат според тежина, Wolt нема да ја знае нивната точна тежина сè додека производите не бидат измерени од страна на Партнерот. За таквите производи што се продаваат според тежина, секоја цена по производ прикажана во Wolt услугата претставува само проценка дадена од Партнерот. Конечната цена на производот што се продава според тежина во вашата Нарачка ќе биде утврдена и наплатена врз основа на реалната тежина на производот што ќе го добиете. За да ги покрие можните корекции на цената предизвикани од разликата во тежината, Wolt ќе изврши привремена резервација на средства на вашата картичка. Износот на привремената резервација на средства ќе изнесува најмногу 20% од вредноста на производите што се продаваат според тежина и се вклучени во вашата Нарачка. Доколку производот во вашата Нарачка тежи помалку од тежината наведена во потврдата на Нарачката, Wolt ќе ви ја врати разликата во цената. Доколку производот во вашата Нарачка тежи повеќе од тежината наведена во потврдата на Нарачката, Wolt ќе ви ја наплати разликата во цената од средствата привремено резервирани за производите што се продаваат според тежина. Секој дел од привремено резервираните средства што не е потребен за покривање на корекцијата на цената ќе биде вратен на вашата картичка.
7. Wolt кредити и промотивни понуди
7.1. Wolt кредити. Wolt може да им понуди, додели или стави на располагање на Корисниците кредити што може да се користат за попусти при купувања преку Wolt услугата („Wolt кредити“ или „Кредити“). Wolt кредитите може да се користат само во Wolt Услугата и согласно со конкретните услови што се применуваат на соодветната кампања или промоција.
Wolt кредитите не може да се заменат за готовина. Периодот на важност на Wolt кредитите што можеби сте ги добиле е наведен во Wolt услугата. По истекот на периодот на важност, Wolt кредитите ќе бидат отстранети од вашата сметка. Истечените кредити повеќе не може да се искористат и не може да се применат за која било нарачка.
Wolt кредитите ќе бидат поништени доколку Wolt утврди злоупотреба на Wolt кредитите или се посомнева или утврди дека Wolt кредитите биле доделени по погрешна основа. Во такви случаи, Wolt ќе го фактурира износот што бил платен со користење на таквите Wolt кредити.
Wolt кредитите се наменети за конкретен Корисник, не се преносливи и немаат парична вредност, освен ако поинаку не е предвидено со применливото законодавство.
7.2. Користење на Wolt кредити. Wolt може, по сопствена проценка, да ги утврди условите што се применуваат при доделувањето, користењето и важноста на Wolt кредитите. Одредени кредити, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на промотивни кредити и кредити од упатувања, не може да се користат истовремено за иста Нарачка. Доколку имате повеќе видови Wolt кредити, при плаќањето може да ви биде понудено да изберете кои Кредити сакате да ги искористите.
Ограничувања за користењето на Wolt кредитите може да се применуваат и од други причини, како што се важечките закони и прописи. Одредени производи може да не бидат достапни за користење преку Wolt кредити. Ве молиме проверете ја Wolt услугата за сите применливи ограничувања. Wolt кредитите може да се користат само во согласност со овие Услови за користење и со сите применливи услови специфични за конкретната кампања или програма.
7.3. Промотивни понуди и кампањи. Корисниците може да добијат Wolt кредити или други попусти или поволности преку промотивни кампањи што Wolt ги воспоставува периодично. Таквите промотивни кампањи или понуди подлежат на овие Услови за користење и на сите дополнителни услови наведени во Wolt услугата. Се согласувате дека промотивните понуди:
(i) може да се користат само од страна на наменетата целна група, за наменетата цел и на законски начин;
(ii) не може да се умножуваат, продаваат или пренесуваат на било кој начин, ниту да се ставаат на располагање на пошироката јавност, освен ако тоа не е изречно дозволено од Wolt; и
(iii) подлежат на конкретните услови што Wolt ги утврдува за таквата промоција или кампања.
На пример, промотивните понуди може да бидат достапни само за одредени Корисници или може да бидат ограничени на користење преку конкретни Партнери или во одреден период од денот. Wolt кредитите доделени преку промотивни кампањи подлежат на општите правила за Wolt кредити наведени погоре. Одредени понуди или кампањи не може да се користат истовремено за иста Нарачка.
7.4. Програма за упатување. Доколку е достапно, Корисниците може да добијат Wolt кредити со поканување нови корисници да се регистрираат на Wolt услугата („Програма за упатување“). Во рамките на Програмата за упатување, Wolt може да им понуди на своите Корисници можност да се стекнат со Wolt кредити како промотивни награди со поканување на пријатели или членови на семејството кои ги исполнуваат условите да се регистрираат како нови Wolt корисници и да ја направат својата прва нарачка преку Wolt услугата. Wolt Програмата за упатување се обезбедува исклучиво по одлука на Wolt и може повремено да не биде достапна. Се согласувате дека Wolt може да ги промени Условите на Wolt Програмата за упатување или да ја прекине Програмата за упатување во кој било момент.
Постојните Корисници („Упатувач“) кои ќе упатат пријатели или членови на семејството како нови потрошувачи („Потрошувач“) кон Wolt услугата може да имаат право да добијат Wolt кредити преку кредитите за упатување во рамките на Програмата за упатување („Кредити за упатување“). Потрошувачот мора да се регистрира со користење на единствениот личен код („Код“) што му го обезбедил Упатувачот. Кодот мора да му биде доставен на Потрошувачот преку е-пошта, текстуална порака или преку опцијата ,,сподели го твојот Код” (“Share Your Code“) во Апликацијата на Wolt. Освен ако поинаку не е договорено помеѓу Wolt и Упатувачот, на Упатувачот не му е дозволено да го споделува Кодот со негово објавување на веб-страници достапни за пошироката јавност (вклучувајќи страници со купони и слични страници), со купување платени реклами, со испраќање пораки до лица кои Упатувачот не ги познава лично или на друг начин со претставување на понудата или на неговиот однос со Wolt. Wolt го задржува правото да утврди дали едно упатување ги исполнува условите за добивање Кредити и може да ги деактивира или поништи сите Кредити добиени на горенаведениот или на сличен начин.
Може да се применуваат ограничувања во однос на износот на Кредити што може да ги добие еден Упатувач. Таквите ограничувања се подетално утврдени во Wolt услугата, доколку се применливи. Упатувачите може да добијат Кредити само од Потрошувачи кои се наоѓаат во истата земја како и Упатувачот. Wolt го задржува правото да ги деактивира или поништи сите Кредити што ги добиле Клиентот или Потрошувачот над овие ограничувања. Износите на Кредитите се разликуваат во зависност од регионот, а локацијата на Упатувачот ќе го определува применливиот регион и износот на Кредитите. Износите на Кредитите се прикажани во деталите на Wolt сметката на Упатувачот и во понудата што ја добива Потрошувачот. Во одредени земји може да биде потребен минимален износ на нарачката (без даноци и надоместоци) при првата нарачка на Потрошувачот, кој мора да биде исполнет за и Потрошувачот и Упатувачот да добијат Кредити. Потрошувачот ќе биде дисквалификуван и нема да добие Кредити доколку Wolt утврди дека Потрошувачот претходно креирал Wolt корисничка сметка. Wolt го задржува правото да задржи или поништи Кредити добиени преку Програмата за упатување доколку Wolt утврди или смета дека Кредитите биле добиени по грешка, преку измамнички или незаконски средства, или спротивно на овие Услови за користење или на кој било друг применлив договор помеѓу вас и Wolt.
8. Достава на Нарачка
8.1. Доколку Корисникот нарача достава на Нарачката преку Wolt услугата, Нарачката ќе биде доставена на локацијата што Корисникот ја потврдил во Wolt услугата. Корисникот исто така мора да наведе улична адреса за потврдената локација во Wolt услугата. Доколку за вашата Нарачка се применува достава без контакт, имајте предвид дека производите ќе се сметаат за испорачани кога ќе биде оставени пред вратата, а Курирскиот партнер ќе го означи статусот на Нарачката како „испорачана“ во Wolt услугата, по што ризикот за предметите од Нарачката преминува на вас.
8.2. Корисникот мора да биде достапен за примање повици на телефонскиот број што го доставил до Wolt услугата. Доколку не може да се стапи во контакт со Корисникот на телефонскиот број што го доставил, Wolt или Партнерот може да ја откаже испораката, а на Корисникот или Клиентот – деловен партнер може да им биде наплатена целосната цена на Нарачката.
8.3. Корисникот може да направи Нарачка која ќе биде доставена што е можно поскоро (стандардна опција за достава) или со нарачување однапред на одредено време за достава, доколку овие опции се достапни во Wolt услугата во моментот на правење на Нарачката.
8.4. Стандардна опција за достава: Корисникот мора да биде присутен на потврдената локација наведена во Нарачката, од моментот на правење на Нарачката сè додека не ги прими производите наведени во Нарачката. Доколку Корисникот не е достапен на потврдената локација во рок од пет минути од пристигнувањето на доставата на нарачаните производи и Корисникот не одговори по два обиди за контакт од страна на Курирскиот партнер што ја врши доставата, Wolt или Партнерот може да ја откаже доставата, а на Корисникот или Клиентот – деловен партнер може да им биде наплатена целосната цена на Нарачката.
8.5. Опција за достава „Пред-нарачка“: Корисникот мора да биде присутен на потврдената локација до десет минути пред однапред нарачаното време или временски интервал за достава, па сè до моментот на доставата, за да ја прими Нарачката.
8.6. Поради природата на услугите за достава, Wolt не може да гарантира дека храната ќе пристигне со истата температура или во истата состојба во која би била храната доколку веднаш се консумира на местото на продажба кај Партнерот. Иако нашите Партнери и Курирски партнери преземаат разумна грижа при пакувањето и навремената достава на храната, температурата, текстурата и изгледот може да бидат засегнати за време на доставата, особено кај оброците кои се чувствителни на времето или температурата. Квалитетот при доставата исто така може да варира во зависност од видот на храната и амбалажата што ја користи Партнерот. Со поставувањето на нарачка преку Wolt услугата, потврдувате и прифаќате дека овие ограничувања се составен дел од испораката на храна.
9. Подигнување и преземање на Нарачка од продажното место на Партнерот
9.1. Доколку Корисникот не нарачал достава на производите на Партнерот наведени во Нарачката, туку нивно преземање од продажното место на Партнерот, производите може да се преземат од продажното место на Партнерот што Корисникот го избрал во рамките на Нарачката. Корисникот ќе добие посебна електронска потврда кога производите ќе бидат подготвени за преземање. Партнерот или Wolt може да утврдат услови за идентификација на Корисникот при преземањето на производите наведени во Нарачката.
9.2. Партнерот ќе ги чува нарачаните производи 60 минути откако Партнерот ќе го извести Корисникот дека Нарачката е подготвена за преземање. Сепак, оваа обврска е ограничена на работното време на конкретното продажно место на Партнерот, а Нарачката мора да биде преземена пред времето на затворање на наведеното продажно место на Партнерот.
10. Нарачка за јадење на лице место
10.1. Доколку Корисникот ја избрал опцијата за консумирање на производите наведени во Нарачката во продажното место на Партнерот, Корисникот ќе добие посебна електронска потврда за очекуваното време кога производите ќе бидат подготвени за консумирање во продажното место на Партнерот.
11. Временски проценки
11.1. Секое време за достава или преземање, или било која друга временска проценка, што Партнерот или Wolt му ја соопштуваат на Корисникот преку Wolt услугата претставува само проценето време. Не постои гаранција дека Нарачката ќе биде доставена или ќе биде достапна за преземање или консумирање во проценетото време. Времето на достава на производите може исто така да биде засегнато од фактори како што се сообраќајни метежи, периоди на голема сообраќајна фреквенција и временски услови.
12. Права на интелектуална сопственост
12.1. Сите права на интелектуална сопственост во врска со Wolt услугата или поврзани со неа, како и со документацијата поврзана со неа и сите нејзини делови и копии, остануваат исклучиво во сопственост на Wolt и/или на неговите поврзани друштва, подизведувачи или даватели на лиценци. „Права на интелектуална сопственост“ се однесува на авторски и сродни права (вклучувајќи права на бази на податоци и каталози, како и права на фотографии), патенти, корисни модели, права на индустриски дизајн, трговски марки, трговски имиња, трговски тајни, know-how и која било друга форма на регистрирани или нерегистрирани права на интелектуална сопственост.
12.2. Овие Услови за користење не му доделуваат на Корисникот никакви Права на интелектуална сопственост во Wolt услугата, а сите права што не се изречно доделени со овие Услови за користење ги задржуваат Wolt и неговите подизведувачи/даватели на лиценци.
12.3. Wolt забранува преземање податоци или на друг начин вршење какво било систематско собирање на податоци или друга содржина од Wolt услугата (вклучувајќи содржина до која може да се пристапи без најавување на вашата сметка), како и обид за вршење на наведеното или на слични активности.
12.4. Apple нема да биде одговорен за било каква истрага, одбрана, спогодбено решавање или ослободување од одговорност во врска со кое било барање дека iOS Апликацијата на Wolt или вашето користење на истата повредува право на интелектуална сопственост на трето лице.
12.5. Корисникот му доделува на Wolt право на цела територија на светот, кое е без обврска за плаќање надоместок, подлежи на подлиценцирање и е преносливо за да користи, изменува, репродуцира, дистрибуира, прикажува и објавува било каква содржина што Корисникот ја доставува во врска со Wolt услугата. Таквата содржина може да вклучува фотографии, податоци, информации, повратни информации, предлози, текст и други материјали што се прикачени, објавени или на друг начин пренесени во врска со Wolt услугата.
13. Дополнителни одредби за користење на Wolt услугата
13.1. Wolt услугата е достапна само за лица на возраст од 18 години или постари. Не можете да се регистрирате како Корисник доколку не го исполнувате овој услов.
13.2. Корисникот е должен да ги почитува сите применливи правила и прописи при користењето на Wolt услугата, вклучително и во однос на купувањето алкохол и други производи кои имаат ограничување во поглед на возраста. Доколку доставата на производи со ограничување во поглед на возраста, како што се алкохолни пијалаци, е достапна во земјата во која се наоѓа Корисникот, на Корисникот може да му биде одбиена доставата на производи со ограничување во поглед на возраста доколку не може да му достави на Курирскиот партнер на Wolt кој ја врши доставата на Нарачката валиден документ за идентификација со фотографија, издаден од надлежен државен орган, со кој се потврдува дека Корисникот е на законски потребната возраст за купување на производот/производите. На Корисникот може да му биде одбиена доставата на производи со ограничување во поглед на возраста и во други случаи предвидени со применливите правила и прописи во земјата во која се наоѓа Корисникот, како, на пример, во случај на алкохолни пијалаци доколку Корисникот покажува знаци на алкохолизираност. Доколку испораката на производот/производите со ограничување во поглед на возраста биде одбиена поради причините опишани тука, Wolt има право на Корисникот да му наплати износ во висина од двапати од вредноста на надоместокот за испорака, надоместокот за услугата и евентуалните дополнителни надоместоци за услугите за достава (доколку се применливи) што Корисникот ги платил за предметната Нарачка, како надомест за враќање на производот/производите со ограничување во поглед на возраста кај Партнерот.
13.3. Wolt постојано ја развива Wolt услугата и може да менува или отстранува различни делови од Wolt услугата, вклучувајќи ги функциите, производите и Партнерите достапни преку Wolt услугата, делумно или во целост.
13.4. При користењето на Wolt услугата, Корисникот може да наиде на содржина или информации што може да бидат неточни, нецелосни, задоцнети, погрешни или кои доведуваат до заблуда, незаконски, навредливи или на друг начин штетни. Wolt генерално не ја проверува содржината обезбедена од Партнерите. Wolt не е одговорен за содржината или информациите на трети лица (вклучувајќи ги Партнерите), ниту за каква било штета што произлегува од користењето или потпирањето на таквата содржина или информации.
13.5. Вие или Клиентот – деловен партнер сте одговорни за обезбедување и одржување на сите уреди или опрема (како што се телефони) и конекции потребни за пристап и користење на Wolt услугата, како и за сите трошоци поврзани со истото.
13.6. Корисникот нема да: (i) користи или да се обидува да користи туѓа лична Wolt сметка и/или да пристапува до туѓи лични податоци за плаќање преку Wolt услугата, или да користи туѓи лични платежни картички при користењето на Wolt услугата, без согласност на тоа лице; (ii) ја копира, изменува или создава изведена содржина врз основа на Wolt услугата или која било поврзана технологија; (iii) се обидува да го открие начинот на функционирање (reverse engineer), декомпилирање, расклопување, дешифрирање или на друг начин да се обидува да го открие изворниот код на Wolt услугата или која било поврзана технологија, или кој било нејзин дел; (iv) отстранува какви било известувања за авторски права, трговски марки или други сопственички права содржани во или на Wolt Услугата; (v) отстранува, покрива или прикрива каква било реклама вклучена во Wolt услугата; (vi) собира, користи, копира или пренесува било какви информации добиени од Wolt услугата без согласност на Wolt; (vii) користи ботови или други автоматизирани методи за користење на Wolt услугата; (viii) создава Wolt сметка користејќи лажен идентитет или идентитет на друго лице; (ix) создава повеќе Wolt сметки; или (x) пристапува до Wolt услугата освен преку интерфејсите што Wolt изречно ги обезбедува, како што се Апликацијата на Wolt и веб-страницата на Wolt.
13.7. Wolt, по сопствена проценка, има право веднаш да го отстрани или суспендира Корисникот од Wolt услугата и/или да одбие или откаже која било Нарачка на Корисникот доколку: (i) Корисникот ги прекршува овие Услови за користење; (ii) Корисникот ја злоупотребува Wolt услугата или предизвикува било каква штета или негативно влијание врз користењето на Wolt услугата или врз Партнерите, Wolt или вработените на Wolt; (iii) Wolt има разумни основи да верува дека Корисникот врши измамнички дејствија при користењето на Wolt услугата; (iv) Корисникот прави лажна Нарачка (на пример, со тоа што не плаќа или не е присутен на местото за достава или преземање на Нарачката) или на друг начин не ги исполнува своите обврски што произлегуваат од овие Услови за користење;(v) постои разумно сомневање во точноста или автентичноста на Нарачката; или (vi) Корисникот се однесува заканувачки, вознемирувачки, расистички, сексистички или на кој било друг начин што Wolt го смета за несоодветен кон Партнерите или вработените или Курирските партнери на Wolt. Доколку Wolt откаже Нарачка која веќе била платена, Wolt ќе го префрли тој износ на истата корисничка сметка или Wolt на работа сметката од која Корисникот го извршил плаќањето.
13.8. Вашите лични податоци ќе се обработуваат во согласност со Изјавата за приватност на Wolt.
13.9. Корисникот мора да ги почитува применливите договорни услови со трети лица при користењето на Апликацијата на Wolt или Wolt услугата.
13.10. Корисникот изјавува и гарантира дека: (i) не се наоѓа во земја која е предмет на ембарго на Владата на САД или која е прогласена од Владата на САД за земја која „поддржува тероризам“; и (ii) не е наведен на ниту една листа на забранети или ограничени лица на Владата на САД.
14. Времетраење и раскинување
14.1. Овие Услови за користење се во сила како обврзувачки договор помеѓу Wolt и Корисникот до понатамошно известување, сè додека Корисникот ја користи Wolt услугата.
14.2. Корисникот може да престане да ја користи Wolt услугата во кој било момент. Wolt може во кој било момент трајно или привремено да престане да ја обезбедува Wolt услугата.
15. Недостатоци и поплаки
15.1. Имајте предвид дека Wolt услугата може во кој било момент да биде во прекин или трајно прекината. Wolt Услугата може исто така привремено да биде суспендирана. Не ја користете Wolt услугата за правење резервни копии на какви било податоци. Иако вложуваме максимални напори за да ви ја обезбедиме нашата платформа и услугите (вклучувајќи нови и/или привремени услуги, како што се испораки без контакт, испораки со користење на нови технологии или испораки на нови категории производи) без грешки, Wolt не ви дава никакво ветување или гаранција во однос на сигурноста, функционалноста, навременоста, квалитетот или соодветноста на Wolt услугата, нејзините опции или која било услуга што ја нуди Wolt. Wolt не дава никакво ветување или гаранција за нешто што не е изречно наведено во овие Услови за користење.
15.2. Партнерот е единствено одговорен за содржината, квалитетот, безбедноста и пакувањето на своите производи што се продаваат преку Wolt услугата и има законска одговорност за недостатоци на своите производи согласно со применливото законодавство. Вие сте одговорни да ги прегледате производите од вашата Нарачка без непотребно одложување по приемот на Нарачката. Доколку постојат какви било недостатоци или други недостатоци во квалитетот на производите од вашата Нарачка, треба да ја контактирате или корисничката поддршка на Wolt, која постапува во име и за сметка на Партнерот, или директно Партнерот, и да вклучите јасен опис на недостатоците или отстапувањата. Во однос на потрошувачките производи, известувањето за недостатоци треба да се направи во разумен рок од откривањето на недостатокот, но не подоцна од два месеца од неговото откривање. Имајте предвид дека во случај на недостатоци кај прехранбени производи или други производи кои по својата природа брзо се расипуваат или стареат, од особена важност е да го пријавите недостатокот што е можно поскоро, за да се овозможи соодветно испитување и проверка на недостатокот. Имајте предвид дека Wolt или Партнерот може да побара од вас да испратите фотографија од предметниот производ со цел да се документираат и потврдат недостатоците. Во случај на недостаток или неусогласеност на производите од вашата Нарачка, имате право на надомест во согласност со применливото законодавство.
15.3. Партнерот е единствено одговорен за какви било недостатоци во содржината и подготовката или пакувањето на Нарачката, или за други недостатоци при исполнувањето на Договорот за купопродажба, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, погрешни производи или на производи кои недостасуваат. Wolt не е одговорен за информациите што ги обезбедува Партнерот во Wolt услугата и не дава никаква гаранција во однос на достапноста, квалитетот или соодветноста на производите.
15.4. Apple нема никаква обврска да обезбедува услуги за одржување и поддршка во однос на Апликацијата на Wolt. Во мера во која применливото законодавство бара одржување или поддршка, ние, а не Apple, ќе бидеме обврзани да обезбедиме такво одржување или поддршка. Во мера во која постои каква било гаранција согласно со закон која не може да биде исклучена, ние, а не Apple, ќе бидеме единствено одговорни за таквата гаранција. Ние, а не Apple, сме одговорни за постапување по какви било барања на Корисникот или трето лице поврзани со iOS Апликацијата на Wolt или со поседувањето и/или користењето на iOS Апликацијата на Wolt од страна на Корисникот, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на: (i) барања поврзани со одговорност за производи; (ii) било какво барање дека iOS Апликацијата на Wolt не е во согласност со применливите законски или регулаторни барања; и (iii) барања што произлегуваат од законодавството за заштита на потрошувачите, приватноста или сличното законодавство, вклучувајќи ги и барањата поврзани со користењето на здравствениот комплет (HealthKit) и домашниот комплет (HomeKit) од страна на iOS Апликацијата на Wolt.
16. Меродавно право и решавање на спорови
16.1. Овие Услови за користење се уредуваат и толкуваат во согласност со законите на земјата во која се наоѓа Корисникот.
16.2. Доколку сте потрошувач, имајте предвид дека не може да ви бидат одземени правата што ви ги гарантираат задолжителните прописи за заштита на потрошувачите во земјата на вашето живеалиште.
16.3. Споровите што произлегуваат од овие Услови за користење ќе се решаваат пред надлежните судови во земјата во која се наоѓа Корисникот. Исто така, можете да поднесете приговор за заштита на потрошувачите до Wolt или Партнерот, како и да иницирате вонсудско решавање на спорот во местото на вашето живеалиште, во согласност со применливото законодавство.
17. Измени
17.1. Wolt го задржува правото, периодично, по сопствена проценка, да ги измени овие Услови за користење.
17.2. Wolt ќе ги објави изменетите Услови за користење на веб-страната на Wolt. Wolt ќе го извести Корисникот за сите суштински измени по природа, со објавување известување во Wolt услугата или со испраќање е-пошта на адресата за е-пошта што Корисникот ја доставил до Wolt услугата. Доколку Корисникот не се согласува со изменетите Услови за користење на Wolt, може да го раскине договорниот однос и да престане да ја користи Wolt услугата.
18. Отстапување
18.1. Wolt има право да ги отстапи сите или дел од своите права или обврски според овие Услови за користење, во целост или делумно, на поврзано друштво или правен следбеник, или на купувач или стекнувач на неговите деловни средства поврзани со Wolt услугата, без претходна согласност од Корисникот.
18.2. Корисникот нема право да ги отстапи, во целост или делумно, ниту едно од своите права или обврски според овие Услови за користење.
Ажурирано на: 2 Октомври 2026